Мегафон
2-ри август

Честит Илинден

Честит Илинден

Денес се прославува Илинден – Денот на Републиката, кој  е голем државен празник на Република Македонија, а 2-ри август  е исто така и голем верски празник  кој се слави во чест на пророкот Свети Илија. Денот на Републиката се прославува во знак на сеќавање на два големи настани кои се случиле на овој датум, и со кои се удрени темелите на македонската државност:

  • Илинденското востание од 1903 година кое било организирано од ВМРО против Отоманската империја, и во текот на кое била прогласена Крушевската република.
  • Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, во текот на Втората светска војна, на коe се поставени основите на денешна Република Македонија.

Македонците традиционално го прославувале овој ден бидејќи е голем верски празник кој влече корени уште од паганските словенски времиња, кога врховниот словенски бог Перун бил заменет со христијанската верзија – Свети Илија.

Прогласен е за државен празник уште на Првото заседание на АСНОМ во 1944.

Големи народни собири се одржуваат во сите манастири, а се организира и коњанички марш од Скопје до Крушево каде што главнината од востаничките водачи ја прогласиле Крушевската република во 1903 година. Главната прослава се одржува на Мечкин камен, каде што во херојска борба со отоманските војски загинал војводата Питу Гули со својата верна дружина во август 1903 година.

Нека ни е честит ИЛИНДЕН, а на сите оние кои ги носат имињата Илина, Илинка, Илинденка, Илија, Илчо, Иле… среќен именден!