Мегафон
промоција

„Баклава“ во МКЦ: Концертна промоција на новиот албум „IV“

„Баклава“ во МКЦ: Концертна промоција на новиот албум „IV“

Со огромно задоволство ја најавуваме концертната промоција на новиот албум на македонската world music сензација – БАКЛАВА. Албумот е насловен „IV“ и истот ќе биде достапен и на винилно издание, кое ќе може да го набавите на промоцијата. Закажуваме средба на 28 февруари, во сала Фросина во МКЦ.
Билетите можете да ги набавите на билетарница во МКЦ или оnline преку bileti.mkc.mk. Набавете си билет навреме, втор концерт нема да има.

За новото издание, БАКЛАВА вели:

„По неколку години создавање конечно излегува четвриот албум на групата Баклава. Јубилеен со своите четири страни. Богат со 13 песни, огромна екипа, различни жанрови и е вртење сосема нова страница. Создадовме светска музика. Вложивме многу. И мака и љубов. Сметаме дека ова е најдобриот албум што сме го направиле до сега и сме многу благодарни на сите што го градеа со нас и сите што го поддржуваа на каков било начин.

Ова ремек-дело е наше дете. Без разлика дали тоа ќе ви биде смешно или раздразливо, ние го сметаме за свое, исто како да сме го родиле. И можеме да ви порачаме, дека покрај тоа што ги сакате вашите деца, и покрај тоа што ве радуваат или нервираат додека растат, чувајте ги. Чувајте ги додека можете. Дајте им корен и дајте им крилја…

Описно, овој колоритен албум е создаван на концептот на бои. Секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите. Сликата што ќе ја добиете слушајќи ги, е токму она расположение што ви ја предзвикува некоја од 13-те бои:

TURQUOISE (Тиркиз), ПУРПУРНА, CHOCOLATE (Чоколада), РУЗМАРИН, ПЕНДОЛИРА, СИНА, РУБИН, СРЕБРЕНА, СИВА, БЕЛА, НЕВЕН, ФЛАМИНГО, СЕНКА.

Пеено е претежно на македонски јазик, но тука и таму има и понекоја строфа и на турски, хрватски, влашки, латински… Музиката на скоро сите песни ја напиша Елена Христова. А стиховите Сибо. Отсвирено е на многу инструменти, а свиреа големите мајстори:

Елена Баклава – вокали, Сибо – деф, перкусии и ел. тамбури, Дејан Теодосиевски – виолончело и пијано, Драган Стојковски – бас гитара, тамбурут и ел. тамбури, Гого Клинчаров – тамбура,Игор Стевковски – тапани, Александар Николовски – труба, Џенгиз Ибраим – канон, Петар Христов – ак. гитара, кларинет и саксофон, Трајче Ристов – тарабука,Јордан Костов – хармоника, Ваљон Адеми – виолина, Тино Скендеровски – хармоника и програмирање, Гордан Спасовски – пијано, Гоце Стевковски – тапани, Гоце Наумов – тапани и перкусии, Амон Мра – усна армоника, Лазе Стерјовски – хармоника.

Гости ни беа неповторливиот Дарко Рундек и прекрасните Суперхикс (или секој посебно со љубов):

Петар Младеновски – ел. бас и вокал,
Борис Минов – ел. гитара,
Александар Спасовски – труба,
Симе Златков – саксофон и вокал,
Бранко Илиевски – тромбон,
Дарко Попов – тапани,
Гоце Лалковски – скреч.

Се снимаше во различни студија: “Tralala”, “Enterprise”, “Alshar”, “Chicken Madness”… Елена, која најчесто беше и аранжер, покрај неа беа и продуцентите Мите Димовски, Тино Скендеровски, Ивица Јанкуловски, Andreas Hz, Дарко Спасовски, Горан Кан, Бојан Угриновски… Мастерингот за LP на крај го направи Мите Димовски.

Фантастичниот дизајн на омотот и целата естетика воопшто е на Нерсес Малакјан. Огромна благодарност им должиме на Арс Ламина и Берин, кои ќе застанат зад материјалното издание во облик на грамофонска плоча.

И на своите најблиски што издржаа и поддржаа.

Ова е голема тема, за да ја објасниме монохроматски. Слушајте и уживајте. Четворката не е само звук“.