Мегафон

Бадниковата поворка ќе започне од црквата Св. Димитриј: “Бадник за сите – радост за сите”

Бадниковата поворка ќе започне од црквата Св. Димитриј: “Бадник за сите – радост за сите”

Под мотото „БАДНИК ЗА СИТЕ! – РАДОСТ ЗА СИТЕ!”, Здружението “Бадникови поворки” и оваа година, ги повикува граѓаните на 6-ти јануари – Бадник, да земат учество во манифестацијата настани, што се организираат во чест на Празникот на Христовото Раѓање – Божиќ.

Според овогодинешната програма, најпрво од 10:30 до 11 часот, Здружението “Бадникови поворки” ги повикува сите семејства со деца, да дојдат пред црквата Св.Димитриј во Скопје за да подигнат бесплатни ѕвездички за децата и да учествуваат во формирањето на најголемата бадникова поворка предводена од Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Давид Темелков и Златните славејчиња.

Според објавениот распоред на настани, во 11:15 часот, поворката предводена од македонските музички ѕвезди, ќе се упати кон Соборниот храм каде што оваа година, ќе се случи и најавеното обединување на Старите скопски бадникари со Бадниковите поворки. По тој повод, како што најавува Здружението, во дворот на храмот ќе биде изложено најголемото бадниково колаче високо дури 3 метри и тешко над 100 килограми, ќе бидат доделени признанија и подароци на бадникарите со најдолг стаж, а во рамките на божикниот концерт што го подготвуваат гореспоменатите музички ѕвезди, ќе биде промовирана и најново возобновената божикна песна “Христос се роди денес” во интерпретација на Вера Милошевска – Љубојна и традицискиот оддел при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”.

Со пакетчиња за децата, благословени бадникови колачиња за возрасните и пригодна музичка програма, ќе го заокружиме овогодинешното чествување, и со најголема љубов ќе ве испратиме дома, за благословот да го понесете во своите домашни огништа – стои во поканата од Здружението.

Освен во Скопје, традиционално и оваа година, во речиси исто време, Бадникови поворки на радоста ќе се одржуваат во уште 39 градови и населени места во Македонија. “Вечниот Бог” ќе се пее, и радост ќе се сее, низ улиците на Битола, Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Дебар, Велес, Штип, Крушево, Куманово, Струмица, Богданци, Виница, Ростуше, Луково, Велгошти, Кривогаштани, Гевгелија, Валандово, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Ресен, Могила, Демир Капија, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Неготино, Кочани, Делчево, Македонска каменица, Дојран, Вратница, Брвеница, Старо село, Беловиште, Рогачево и Теарце, каде распеаните коледарчиња ќе бидат исто така дочекани и дарувани со најголема љубов, почит и пригодни пакетчиња.

Останати вести од Мегафон