Мегафон
збогум легендо...

Македонија се збогува од Аки: Последен поздрав на градскиот плоштад во Скопје

Македонија се збогува од Аки: Последен поздрав на градскиот плоштад во Скопје

Среда, 26-ти јануари, ден пред неговиот погреб во Загреб, Скопје ќе го испрати својот некогашен сограѓанин и голем пријател, легендарниот Аки Рахимовски.

Поради епидемиолошките ограничувања, последното испраќање на Аки се организира на Градскиот плоштад, кај тревникот пред „Пелистер“, каде ќе биде отворена книга на жалост и ќе се слушаат неговите песни. Сите пријатели, обожавателите на неговата музика и почитувачите на неговата работа ќе можат од 13 часот да се запишат во книгата на жалост, да положат цвеќе или да запалат свеќа во чест на Аки. Главното собирање се планира од 18 до 19.30 кога хорови, пејачи и пријатели заеднички, за збогување, ќе отпејат некои од најголемите хитови на „Парни ваљак“.

Последното збогување со Аки Рахимовски го организира „Радио Бубамара“ со поддршка „КЛС Саунд“ и Град Скопје. На Градскиот плоштад ќе ја слушнеме и песната „Ако згрешам, нека изгорам“ на Пепи Бафтировски, која Аки во клавирска придружба ја сними пред пет години во студиото на „Тавитјан брадерс“.