Мегафон

Македонија одбележува 30 години независност

Македонија одбележува 30 години независност

Македонија прославува 30 години независна држава.

На 8 септември во 1991 година, односно пред 30 години, во Република Македонија се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија.

На Референдумот учествува 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше поддржана самостојноста на Македонија. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава. Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот. Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот.

Поддршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание.

Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина… Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се појавија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

Низ 30-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ.

На 27 март 2020 година Македонија стана 30 членка на НАТО. Иако веќе 16 години е земја кандидат, а во 2009 година ја доби првата препорака за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, евроинтеграцијата која долго време беше бликирана од Грција, сега е попречувана од Бугарија. Софија и покрај потпишаниот билатерален Договор за пријателство и добрососедство во август 2017, засега не се согласува со останатите 26 земји членки на ЕУ да почнат преговорите со Скопје.

Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.

Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.

Централната прослава ќе биде на отворено пред Собранието со почеток во 17:30 часот, а ќе започне со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ по што следи дефилето.

Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

По обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.

Покрај официјалните гости и медиумите, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.

Поради одбележувањето на празникот, затворени за сообраќај од 11 часот ќе бидат бул. „Кочо Рацин” на потегот од крстосницата со бул.„Кузман Јосифовски Питу” до ул.„Кирил и Методиј”, ул.„11-ти Октомври” на потегот од ул.„Крушевска Република” до ул.„Димитрие Чуповски”, ул. “Филип Втори” на потегот од бул.„Гоце Делчев” до ул.„11–ти Октомври”, Кеј „13–ти Ноември” на потегот од ул.„Филип Втори “до бул.„Кочо Рацин”, ул.„Мирче Ацев” на потегот од ул.„Филип Втори „до бул.”Кочо Рацин”, ул.„Димитрија Чуповски” на потегот од порта Македонија до бул.„Климент Охридски” и ул.„Даме Груев” од крстосницата со ул. „Македонија” до ул. „11-ти Октомври”