Љубов и Секс

Што да направите ако не се согласувате со родителите на партнерот?

Што да направите ако не се согласувате со родителите на партнерот?

Во првите неколку месеци од врската, вие и партнерот сте си најважни. Правите сè еден за друг и се обидувате да поминете што е можно повеќе време заедно. Сепак, во секоја врска доаѓа моментот кога треба да го запознаете семејството на партнерот. Партнерот го бираме сами, но неговото семејство не можеме да го одбереме. Родителите се тие кои го пораснале, го воспитувале и му дале многу љубов. Љубовта кон партнерот, кое е нивно дете, е она што ве поврзува. Сепак, некогаш работите не одат лесно, па се случува да дојде до недоразбирање. Тие постојано ни замеруваат за некои работи, а на нас не ни се допаѓа нивното однесување. Што да правите кога ќе дојде до една ваква криза?
Проблемите во односот со родителите на партнерот некогаш настануваат поради едноставните разлики во карактерот. Понекогаш не се согласуваме ни со нашите родители, па не можеме да очекуваме дека секогаш ќе цветаат рози и во односот со родителите на партнерот. Сепак, родителите на партнерот понекогаш можат да нè обвинат нас за неисполнетите очекувања. Исто така, ако вашиот партнер прави некои промени во животните планови, неговите родители можеби ќе си помислат дека се направени под ваш притисок. Доколку одлучите да се преселите далеку, родителите на партнерот ќе се обидат далечината да ја намалат со постојано јавување, грижа и мешање во вашите планови. Таквото однесување може да доведе до стрес од обете страни.

Важно е да поставите граници и да разговарате отворено. Прво, разговарајте со партнерот и објаснете му колку сакате да бидете во контакт со неговата страна од семејството. Секако, и партнерот има право да даде предлози во врска со контактот со вашето семејство. Редовното гледање не им значи исто на сите – за некои тоа е неделниот ручек, а за некои е гледањето од празник до празник. Доколку дојде до несогласување со партнерот, време е да поработите на компромис.

Ставете се на местото на родителите на партнерот. Ова е полесно да се каже отколку да се направи, но ако успеете да го гледате својот однос со партнерот низ очите на неговите родители, сигурно подобро ќе ги разберете нивните постапки и ставови. Иако се работи за ваш партнер, а нивно дете, може да се појави мала љубомора и да ја загрози вашата блискост. Обидете се да ги сфаќате нивните критики како добронамерни совети.

Кога една личност не ја познавате добро, тешко е да воспоставите добар однос. На самиот почеток, повикајте ги на заеднички дружења. Можеби со тек на време ќе откриете некои заеднички интереси или некои нови хобија. Ако се фокусирате на тоа што ви е заедничко, полесно ќе ги надминете несогласувањата. Заедно гледајте семејни фотографии, распрашајте се за тоа каков бил вашиот партнер како дете и заедно разбудете сеќавања. Покрај тоа што ќе дознаете важни информации за вашиот партнер, кои можеби тој самиот не би ви ги открил, неговите родители ќе ја почувствуваат вашата заинтересираност и љубовта што ја чувствувате за нивното дете. На овој начин се гради цврста врска, заснована на силни чувства.

Доколку планирате да го поминете целиот свој живот со партнерот, тоа значи дека голем дел од времето ќе го поминувате и со неговото семејство. Многу ретко се случува некој да биде сам на овој свет, а целото свое време да ви го посвети само вам. Поради добриот однос со партнерот, обидете се да имате добар однос и со неговите блиски. За почеток, обидете се да бидете позитивни, отворени и да покажете разбирање. Доколку наидете на нестрпливост, ова објаснете му го на партнерот. Можеби заеднички, со поддршка од партнерот, ќе најдете решение на овој проблем.

извор:кафепауза.мк