Љубов и Секс

Пет знаци дека сте во стабилна врска

Пет знаци дека сте во стабилна врска

Секогаш постои простор да ја подобрите вашата врска, секако ако постои волја и од двете страни. А кој не би сакал да има подобар љубовен живот?

Овие пет знаци укажуваат дека сте во стабилна врска, а ако не се препознавате во некој од нив, работете на развивање на таа карактеристика кај себе и кај вашата сакана личност.

(По)кажување емоции

На партнерите им покажуваме дека се грижиме за нив преку наједноставни постапки, како отворање врата или приготвување на омиленото јадење, но треба и вербално да се изразуваме кога станува збор за емоциите. Некои луѓе никогаш не ги кажуваат гласно своите емоции, а некогаш е толку потребно да слушнете дека некој ве сака. Бидете погрижливи и (по)кажувајте ѝ на вашата сакана личност дека ви значи.

Отворена комуникација

Ова се надоврзува на претходното, но се однесува на секој аспект од врската. Можеби звучи како клише, но комуникацијата е еден од главните столбови на една здрава врска. Ако секој ден зборувате со партнерот тоа не значи дека комуницирате отворено. Ако вашите разговори се сведени на празни фрази за тоа кој како си го поминал денот и ги земате здраво за готово нештата кажани и направени во минатото, ризикувате да се оддалечите од саканата личност. Ако имате искрена и отворена комуникација знаете дека нема тема што меѓу вас е табу и секогаш може да разговарате за работите што ви се важни вам лично и за вас како двојка. Со отворена комуникација ќе заштедите многу време и нерви.

Компромис

Способноста да се дојде до компромис при несогласување или расправија е многу вредна вештина во секоја врска. Нема победници во здравите врски. Победници треба да бидете вие двајца, да се борите за истиот тим, не еден против друг. Ако сте способни да ги задржите сталоженоста и разумноста во расправија и се трудите да дојдете до заеднички поволно решение, а понекогаш и да попуштите за доброто на врската, тоа значи дека вашата врска е здрава. Кога се расправате не заборавате дека се расправате бидејќи сакате да останете заедно, а не да победите.

(Само)доверба

Чувството на сигурност е многу важно за одржување на стабилна врска. Таа сигурност доаѓа од довербата во партнерот и довербата во себе. Ако сте самоуверени во своите ставови полесно ги искажувате своите емоции и грижи, а кога партнерот го прави истото имате доверба дека искрено го прави тоа.

Поткрепа

Врската значи да бидеме тука за партнерот кога му сме потребни и обратно. Љубовта е емоцијата која ве држи заедно, но во тешките моменти она што е потребно е да знаете дека ќе се поддржувате во одлуките, дека верувате еден во друг, дека го цените другиот и дека верувате во тоа дека носите одлуки за подобра заедничка иднина.

извор: Кајгана