Љубов и Секс

Осум најчести женски грижи поврзани со сексот

Осум најчести женски грижи поврзани со сексот

Сексот носи големо задоволство, но понекогаш е проследен и со вознемиреност поради одредени стравови кои ги раѓа разголувањето и самата интимност.

Да бидеме реални, и мажите и жените имаат свои стравови во однос на сексот. Мажите повеќе се загрижуваат за нивната изведба, за големината на половиот орган, за тоа дали ќе успеат да одржат ерекција, а се плашат и од предвремена ејакулација.

Маж и загрижена жена пред секс

Женските грижи во спалната може да ја намалат сексуалната возбуда и уживањето

Женските стравови се малку поразлични. Но, без оглед дали се загрижуваме од тоа како изгледа нашето тело, дали се привлечни нашите интимни делови, или пак, дали го задоволуваме нашиот партнер, ние жените си создаваме во главата пречки кои само нè оддалечуваат од врвното задоволство. Еве што најчесто ги загрижува жените во однос на сексот:

1

„Дали мирисам пријатно таму долу?“

Често се случува наместо жената безгрижно да ужива додека добива орален секс од својот партнер, да се тревожи заради миризбата на своите интимни делови. Факт е дека секое тело има своја миризба, што е сосема нормално. Во таа миризба има и феромони кои не само што не ги одбиваат, туку ги привлекуваат мажите.

Женската вагина навистина може да има непријатна миризба при појава на инфекција или сексуално пренослива болест. Но, сè додека сте здрави и одржувате добра лична хигиена, не треба да се плашите дека вашиот партнер ќе чувствува одбивност додека ве задоволува орално. Всушност, мажите се возбудуваат кога го прават тоа, па предајте им се на пријатните чувства и уживајте.

2

„Што ако ми се случи да испуштам гасови?“

Многу жени се плашат дека во моментите на целосна опуштеност може да им се случи засрамувачко испуштање на гасови. Да, можеби таквата случка не би поминала без зацрвенување на вашите образи, но тоа не треба да ви биде причина за загриженост. Просечниот човек испушта гасови 14 пати дневно, а се смета дека и на мажите и на жените подеднакво им се случува тоа.

Па, нема простор за грижи. Ако се најдете во таква ситуација, пријдете ѝ на „случката“ со хумор. Насмејте се заедно со вашиот партнер и продолжете. Истото важи и за вагиналното испуштање на гасови.

3

„Изгледам дебело во овие гаќички  и дали се гледаат мојот целулит и стриите на оваа светлина?“

Совршено извајаните женски тела со беспрекорна кожа кои секојдневно ги гледаме на интернет, телевизиските реклами и списанијата создаваат нереална слика за женската убавина. Иако сите сме свесни дека фотографиите од тие модели се дигитално обработени, сепак потсвесно си поставуваме високи стандарди за изгледот, кои тешко се постигнуваат.

Секоја жена, а и голем број од мажите, имаат таканаречени „дебели денови“, кога се чувствуваат малку пополничко и непријатно во својата кожа. Но, кога влегувате во спалната, потребно е да ги оставите таквите негативни мисли зад врата ако сакате максимално да уживате. Вашиот партнер нема да го забележи целулитот или стриите ако самоуверено го заведувате и ако тој гледа дека уживате во тоа.

Кога за време на секс во главата ќе ви долета мисла за тоа како изгледате и дали партнерот ве смета за привлечна, веднаш избркајте ја и препуштете му се на моментот.

Изгледајте и чувствувајте се убаво кога сте голи »

4

„Не можам да доживеам оргазам – да одглумам (повторно)?“

Многу се ретки среќничките кои можат да се пофалат дека доживуваат оргазам за време на секој сексуален однос. Мнозинството жени не можат да стигнат во врвната точка само со вагинална пенетрација. Преоптоварувањето со вашиот оргазам повеќе ќе ви одмогне, отколку што ќе ви помогне. А, глумењето оргазаме најлоша варијанта, бидејќи вашиот партнер ќе смета дека прави сè правилно и нема да се труди да експериментира за да ви достави поголемо задоволство.

Релаксирајте се и заборавете на оргазмот. Уживајте и фокусирајте се на пријатните чувства.

5

„Што ако останам бремена?“

Голем број жени барем еднаш во животот се нашле во ситуација да се плашат од непосакувана бременост. Некои поради тоа што не користеле заштита, други од страв да не пукне кондомот, трети поради страв од неефективност на контрацептивните таблети.

Доколку не планирате да забремените, секогаш користете кондом за да ги искорените стравовите. Заборавете го методот на повлекување непосредно пред ејакулација (coitus interruptus). По секој сексуален однос проверувајте дали кондомот е здрав. Многу се ретки случаите кога кондомот пука при секс, но ако ви се случи тоа, информирајте се за ургентната контрацепција со таблети „ден потоа“. Ако користите контрацептивни таблети, погрижете се да ги пиете редовно.

6

„Што ако префатам некоја сексуално пренослива болест?“

Секоја разумна личност го има овој страв кога за првпат стапува во сексуален однос со нов партнер. Жените особено се паничарки на оваа тема, и со право, затоа што се поизложени и посклони кон префаќање на СПБ. На пример, се смета дека има двојно поголема веројатност една жена да биде заразена со ХИВ од маж, отколку обратно.

Стравот добива и поголеми размери затоа што луѓето сè уште не разговараат отворено на оваа тема. Малкумина се оние кои ќе се осмелат да позборуваат со нов партнер на тема сексуално преносливи болести пред да се впуштат во сексуални односи.

Моногамната врска ќе ве ослободи од овој страв. А, за да го минимизирате ваквиот страв кога имате сексуални односи со нов партнер, останете цврсти во своето барање да користите кондом како заштита, дури и ако примате контрацептивни таблети. Не заборавајте дека таблетите штитат од несакана бременост, но не од несакани полови болести.

7

„Зошто не сум доволно навлажнета?“

Можно е да се случи страсните бакнежи и еротската предигра да ја возбудат жената, но и покрај тоа нејзината вагина да остане сува. Во таков момент во нејзината главата сигурно ќе се вртат прашањата: „Зошто? Нешто не е во ред со мене?“. Вистината е дека понекогаш хормоните си поигруваат со женското тело и влажноста се намалува. Често им се случува на жените кои се во менопауза или кои дојат да не се доволно влажни. Но, и во други периоди од животот на претставничките на понежниот пол се појавуваат „сушни“ денови.

Решението на овој проблем е едноставно – лубрикант базиран на вода.

8

„Дали имам привлечна и нормална вагина?“

Мажите се грижат за големината на пенисот, а жените за изгледот на вагината. Не сте единствени ако си помислувате дека вашите срамни усни се поголеми или потемни отколку што е нормално, или пак, дека се нееднакви. Дека изгледот на вагината ги загрижува жените потврдуваат статистиките кои говорат дека вагинопластиката станува сè попопуларна во светски рамки, т.е. сè поголем е бројот на жени кои легнуваат под нож за подмладување, разубавување или избелување на вагината.

Вагината може да има различна форма и големина, што е сосема нормално и не треба да ве загрижува. Одржувајте ја интимната област чиста и уредна и сакајте го своето тело.

Ваквите и слични грижи само ви ја намалуваат желбата за секс, ве прават повоздржани и ви го скратуваат задоволството. Ослободете се од нив за да можете релаксирано да уживате во прегратките на вашиот сакан.