Љубов и Секс

Осамени во брак: Многу парови патат, а има решение

Осамени во брак: Многу парови патат, а има решение

Често забораваме дека секојдневните допири, нежности и активното слушање значат повеќе за односот од часови поминати во иста просторија во молк, фокусирани само на своите мисли, желби и цели.

Луѓето се исклучително социјално ориентирани суштества и потребни ни се длабоки емоционални односи за да се чувствуваме дека нашето постоење има смисла. Како возрасни единки, многу луѓе го бараат тоа од брачниот партнер – очекуваат таа личност да им ги исполни повеќето потреби за дружење и интима.

Иако повеќето луѓе влегуваат во бракот со помислата дека партнерот ќе им биде најдобар пријател, па и сродна душа, сѐ повеќе мажи и жени се оддалечуваат и се разделуваат, доживувајќи високо ниво на осаменост во бракот.

Всушност, научните истражувања покажуваат дека една третина од луѓето кои долго време се во брак се чувствуваат осамено.

Досега психолозите главно се фокусираа на динамиката на бракот за да ја објаснат осаменоста кај луѓето кои долго време се во брак. Од оваа перспектива предложени се две можни објаснувања. Прво, можно е заедничките околности во бракот да водат кон осаменост. Иако осаменоста доаѓа од недостигот на социјална интеракција, може да се работи и за саботажа на социјалните средби кои личноста ги остварува.

Во студија на Универзитетот Монклер беа анализирани над 140 хетеросексуални брачни парови на возраст од 50 до 80 години кои осанале во брак во текот на осумгодишното истражување, стои во извештајот објавен во Psychology Today. И двата партнера одговарале на опсежното истражување во три наврати – во 2006, во 2010 и на крај во 2014 година.

Едниот осамен, другиот не
Прашањата што им биле поставувани се однесувале на поддршка и разбирање од партнерите, како и колку блиски се чувствуваат со нив. Податоците покажуваат дека потребни се само неколку суштински односи во животот за човекот да се чувствува среќно, но интересно е дека нивоата на осаменост меѓу мажот и жената како брачни партнери не биле цврсто поврзани. Истражувачите откриле дека можно е едниот партнер да се чувствува многу осамено, а другиот не.

Исто така било откриено дека пријателствата се поважни од семејните односи во намалувањето на осаменоста. Партнерот кој поголемиот дел од своите социјални очекувања ги имал сведено на бракот, почесто се чувствувал осамено. Најмалку осамени биле испитаниците кои заедно со брачниот другар имале заедничка мрежа на социјални контакти, односно делеле пријатели, имале заеднички дружења со семејствата и слично.

Најголема разлика во во нивото на осаменост имало кај паровите кои наизглед воделе одвоени социјални животи, а се дружеле само „по дома“. И додека на едниот партнер тоа обично не му пречело, другиот бил исклучително осамен и вршел притисок за промени. Исто така, оној кој бил поосамен почесто останувал дома, а другиот „бегал“ од дома.
Да се биде сам во врска е потешко отколку да се биде сингл
Ако сме сингл, можеби ќе запознаеме некого. Ако сме осамени во врската, мора да се обидеме нешто да промениме пред да кажеме дека е крај. Ако не може ништо да се промени, тогаш е време за радикални чекори.

Прво што треба да направите е да укажете на сериозноста на проблемот, односно да ѝ кажете на саканата личност дека не станува збор за привремена досада или конкретно незадоволство, туку за недоволна блискост и дека сакате тоа да се промени. Ако другата страна е подготвена за разговор, тоа е првиот чекор кон промената. Почнете со заеднички разговори, планирање активности, вечери, дружења, исклучување мобилни, како и зголемување на физичката блискост – прегратки, бакнежи и други нежности кои се одраз на интимност.

Внимателно со очекувањата
Честопати, сакајќи да разговараме ги натрупуваме нашите желби, очекувања и копнежи на другата личност… Тогаш таа личност можно е да добие впечаток дека е виновна што тоа не се случува и да се постави одбранбено. На тој начин, добрата и добронамерна идеја може да прерасне во расправија.

Обидете се да бидете тактични. Запамтете, ако сакате да ја подобрите блискоста, не прашувајте се што сѐ му недостига на бракот, туку што можете вие да направите за бракот и за саканата личност. Она што сакате другиот да го направи за вас, направете го вие. Тоа нема да остави никого рамнодушен. Ако и покрај вашите напори не гледате дека се поместувате од „мртва точка“ и се чувствувате уште поосамено, можеби е време да размислите за ставање крај на врската што почнува да ве прави несреќни.

извор:кајгана.ком