Љубов и Секс

Очите говорат, дали тоа е љубов или страст

Очите говорат, дали тоа е љубов или страст

Кога некој непознат ве гледа во очи, тоа може да е знак за романтични чувства, но ако неговиот поглед се симнува надолу по вашето тело, тогаш веројатно се работи за сексуална желба – покажуваат наодите на едно истражување, објавено во списанието „Psychological Science“.

Оваа автоматска проценка може да се случи за дел од секунда и веројатно вклучува различни мозочни активности. Во истражувањето биле вклучени мажи и жени кои гледале во фотографии на непознати луѓе и требало што побрзо да покажат дали почувствувале симпатии или сексуална желба. На некои од сликите биле прикажани парови, а на други поединечни лица од спротивниот пол. Во исто време со помош на специјална опрема за следење на движењата на очите, било забележувано на кој дел од сликата учесниците погледнале.

Со спојување на овие две информации, истражувачите откриле дека луѓето имаат тенденција прво да погледнат во лицето и погледот се задржувал таму, кога размислувале за романтична љубов, но кога учесниците почувствувале сексуална желба, погледот брзо се спуштал надолу по телото.

„Иако засега научно малку се знае за „љубовта на прв поглед“ или како луѓето се вљубуваат, овие начини на однесување претставуваат првите показатели за тоа како преку автоматските процеси на внимание – како што е погледот, може да се разликува чувството на љубов од чувтвото на страст кон непозната личност“- велат авторите на истражувањето.

Еве како изгледа „жешката мапа“ која покажува каде луѓето погледнале.

Кога луѓето почувствувале сексуална желба, нивниот поглед прво се фокусирал на лицето, но зелениот дел подолу покажува како погледот се спуштил надолу по телото.

Љубовта и сексуалната желба се изненадувачки одделени процеси и во мозокот и во животот на луѓето. Љубовта не е предуслов за сексуалната желба, а страста не мора да води до љубов. Љубовта и страста можат да постојат сами за себе, или во комбинација и тоа во различни степени.

Во едно истражуване од средината на 1960-тите, спроведено од Дороти Тенов, во кое учествувале 500 лица, 61% од жените и 35% од мажите се сложиле со изјавата „сум бил заљубен, без да чувствувам потреба од секс“ и 53% од жените, а 79% од мажите се сложиле дека „почувствувале сексуална привлечност, без воопшто да почувствуваат љубов“.