Љубов и Секс

Најчестите проблеми во првата година од бракот

Најчестите проблеми во првата година од бракот

Првата година од бракот е периодот во кој младоженците започнуваат да се соочуваат со реалноста и обврските кои ги носи бракот. Вообичаено во нашата држава младите парови не живеат заедно пред да стапат во брак, па затоа кога ќе станат маж и жена за прв пат се судруваат со проблемите на живеењето под еден покрив.

Еве неколку совети за оние, кои штотуку ја крунисале нивната љубов со брак.

Дефинирање на улогите во семејството

Многу често младоженците не разговараат за секојдневните обврски како плаќањето на сметките, чистењето или купувањето леб и мислат дека тие работи се подразбира кој ќе ги извршува. Така започнуваат баналните караници за тоа зошто нема леб или зошто е исклучен телефонот поради неплатена сметка. Потребно е двајцата да седнете и да си создадете ваши мали правила по кои ќе се раководите. Одлучете кој каква улога ќе има во вашето младо семејство.

Парите

Парите се многу чувствителна тема и многу често се причина за расправиите во бракот. Потребно е и двата партнери да знаат што е она, на што треба да се трошат парите. Ако не ги дефинирате вашите цели, најверојатно ќе се соочите со проблемот на невнимателно потрошени пари. Во таков случај партнерите се обвинуваат еден со друг за финансиските проблеми. За да не биде тоа и ваше секојдневие, дефинирајте ги приоритетите во вашето семејство и насочувајте ги финансиите кон нив.

Родителите

На вашите родители сигурно им е многу потешко да се разделат со вас, отколку што ви е вам. Но, сега кога вие оформувате семејство, потребно е со вашиот партнер да дефинирате до каква граница ќе дозволите родителите да бидат дел од вашиот живот. Не дозволувајте нивната прекумерна вмешаност да биде причина за проблеми и расправии.

Себичност

Кога стапивте во брак, вие се согласивте да оформите семејство, а во едно семејство нема место за себичност. Ако претходно сите пари ги трошевте за скапа облека и шминка, сега треба да размислите дали ќе продолжите да го правите тоа. Не треба секогаш да ги ставате вашите потреби на прво место. Времето кое сте го поминувале по продавници, сега треба да го скратите и да му го посветите на вашиот сопруг. Интимноста е премногу важна за да ја игнорирате. Истото важи и за вашиот партнер. Се разбира, комуникацијата повторно е клучот.