Љубов и Секс

Кои се грешките во сексот што ги прават паровите во своите 30-ти?

Кои се грешките во сексот што ги прават паровите во своите 30-ти?

Многу жени во своите триесетти години велат дека, во споредба со нивните дваесетти години, се чувствуваат многу попривлечно и дека сега се многу повеќе поврзани со своето тело. Исто така, многу истражувања откриле дека жените го доживуваат својот сексуален врв во овој период од животот.

Меѓутоа, тоа не значи дека во спалната соба сѐ е совршено. Постојат неколку грешки во сексот кои ги прават паровите во своите триесетти, а еве кои се советите на стручните лица кои се занимаваат со оваа тематика.

1. Имате сексуална рутина
„Сите запаѓаат во рутина, а во таква замка можете да западнете и во сексуалниот живот. Во избрзаниот секс нема сензуално допирање и страсно бакнување, и сѐ се сведува на обичен сексуален однос. Во овој случај недостасува креативност во спалната соба која влијае на вашата сексуална мотивација. Повеќе време за секс не е решение за овој проблем. Треба мудро да го искористите времето кое го имате“, вели Шенон Чавез, психолог и сексуален терапевт.

2. Паничите бидејќи нема страст
„Страста доаѓа и си оди кога сте во долгогодишни врски и бракови, но важно е да не паничите доколку некое време ја нема. Понекогаш е доволно да имате редовен секс, а со тоа ќе се врати и страста меѓу вас“, вели Стивен Снајдер, автор на книгата Love Worth Making: How to Have Ridiculously Great Sex in a Long-Lasting Relationship.

3. Немате сексуален живот откако ќе станете родители
„Секако, грижата за децата бара огромно внимание од ваша страна, оставајќи ве уморни на крајот од денот. Меѓутоа, доколку не сте имале секс подолго време со вашиот партнер, не е добра идеја да си легнете рано. Останете будни, поврзете се еден со друг и фокусирајте се на вашите потреби. Дајте ѝ ја потребната ‘нега’ на вашата врска“, вели Лорел Стајнберг, психотерапевт и професор по сексологија.

4. Го сфаќате сексот пресериозно
„Сексот е битен чин за одржување на целокупното здравје и благосостојба на телото, но не треба да го сфаќате толку сериозно. Доколку не се забавувате, лесно ќе почнете да се критикувате себеси, па дури и вашиот партнер. Бидете отворени за нови идеи во сексот и не бидете сексуален перфекционист. Немојте премногу да размислувате и опуштете се. Единствената цел на сексот е заемно уживање“, вели Шенон Чавез.

5. Не се фокусирате на клиторисот
„Многу жени мислат дека им е потребен вагинален оргазам. Но, вистината е дека на дури 92% од жените им е потребна дополнителна стимулација на клиторисот за да постигнат оргазам. Најдобриот начин да научите нешто повеќе за оргазмот е преку мастурбација. Кога ќе дознаете што ви претставува задоволство, тоа ќе можете да му го посочите и на партнерот. Сосема е во ред доколку доживеете оргазам во различно време. Доколку вашиот партнер прв доживее оргазам, вас може да ве задоволи со орален секс“, вели Ангела Скурту, сексуален терапевт и автор на книгата Helping Couples Overcome Infidelity: A Therapist’s Manual.

6. Размислувате за изневерување
„Многу луѓе во своите триесетти години се во врски во кои сексот веќе не функционира, но односот меѓу партнерите е сѐ уште одличен. Во една таква ситуација, тие влегуваат во дилема дали да ја прекинат врската. Секако, дел од нив не сакаат да направат таков чекор и да изгубат сѐ, па се одлучуваат за изневерување. Сѐ почесто работам со парови кои се посветени на врската, но размислуваат за изневерување. Отворената врска не е за секого, но според мене, е многу похрабар и поискрен избор од изневерувањето. Понекогаш е возможно да ги исполните своите сексуални потреби без да ја прекинете функционалната врска. Отворената врска може да донесе нова еротска енергија која потоа ќе ја вратите дома“, вели Ијан Кернер, сексуален терапевт и автор на книгата She Comes First: The Thinking Man’s Guide to Pleasuring a Woman.

7. Трпите болен секс
„Посебно по породувањето, некои жени доживуваат болен сексуален однос. Болниот сексуален однос ја намалува сексуалната желба и доведува до избегнување на сексот. Наместо тоа, ги советувам жените да практикуваат вежби за зајакнување на пелвичните мускули. Тие ќе им помогнат да имаат подобар и помалку болен сексуален живот“, вели Ангела Скурту.

8. Интимноста не ви е приоритет
„Обично во овој период од животот имаме премногу работни задачи, обврски во домот и голем финансиски притисок. Многу парови им потклекнуваат на овие притисоци и немаат време за себе и својот партнер. Но, на вашиот сексуален живот треба да му посветите време и внимание, со цел да напредувате како пар. Иронично е тоа што доколку имате добар сексуален живот, ќе бидете одлични и во извршувањето на другите обврски во животот“, вели Ванеса Марин, сексуален терапевт.

9. Не мастурбирате
„Сексот и мастурбацијата се две различни активности. Доколку сте сексуално активни со вашиот партнер, тоа не значи дека треба да престанете да се самозадоволувате. Тоа е одлична форма на внимание кое можете да си го дадете, а помага и за поквалитетен сон. Исто така, обезбедува сексуална свест која можете да ја користите за време на сексот со партнерот, насочувајќи го како да учествува во вашето задоволство“, вели Шенон Чавез.

10. Го споредувате вашиот сексуален живот со оној на другите
„Вообичаено, кога луѓето зборуваат со своите пријатели на оваа тема, сакаат да се пожалат за она што им недостасува. Но, вие и вашиот партнер одлучувате за тоа колку сексот ви е потребен и вашиот сексуален живот не треба да го споредувате со оној на другите“, вели Лорел Стајнберг.

извор:кафепауза.мк