Љубов и Секс

7 реченици кои „сингл“ девојките мразат да ги слушаат

7 реченици кои „сингл“ девојките мразат да ги слушаат

Советите и утехите на среќно заљубените девојки упатени кон своите сингл пријателки најчесто се добронамерни, но поради различни причини можат да бидат погрешно интерпретирани и да предизвикаат негативни чувства и реакции. Лесно е кога сте во успешна врска да делите љубовни совети, но кога сте на другата страна, не е многу забавно некој секојдневно да ви соли памет и да ве теши дека еден ден кога најмалку ќе очекувате пред вас ќе се појави принцот на бел коњ.

Животот како слободна девојка навистина може да е поинтересен, но секогаш доаѓа момент кога ќе посакате да имате до себе некој специјален. Во периодот додека да го пронајдете, често ќе наидувате на непосакувани коментари, забелешки и совети од различни луѓе кои сметаат дека се експерти во љубовта. Најлоша е ситуацијата кога сите ваши најблиски пријателки ќе влезат во врска или ќе започнат да се мажат, а вие сè уште сте сами. Тогаш животот со љубовен статус „сингл“ може да се спореди како носење на „лобутинки“ со штикла од 16 сантиметри. На почетокот е забавно и се чувствувате посебно, но потоа сè што сакате е да ги соблечете и да се ослободите од нив. Коментарите на вашите пријателки поврзани со вашиот љубовен живот во тој период може и најмногу да ве иритираат.

Во секој случај, ако сте сингл, сакале или не, во одреден момент во вашите уши ќе зачкрипи некоја од следниве реченици:

„Не биди толку пребирлива.“

Најлошиот коментар од овој тип: „Што? Тој не беше доволно убав, паметен, добар, богат, грижлив и романтичен за тебе?“ (саркастична насмевка).

Ниту една жена не треба да биде со каков било маж само колку за да има некој покрај себе и да може да каже дека е во врска. Ако сте сингл, добро е да знаете што сакате и да си имате поставено стандарди. Не се задоволувајте со ништо помалку, макар и да ви е потребно повеќе време да го пронајдете вистинскиот. Доколку се задоволите со помалку, може цел живот да се прекорувате.

„Среќен роденден, и догодина да го славиш со момче“, „Среќна Нова Година, ти посакувам да ја пронајдеш љубовта“

Зарем е неопходно сите честитки да вклучуваат прво и основно љубов и желби за ново момче? Се разбира дека се убави упатените желби за поголем успех во љубовта, но кога некој редовно става акцент на нив делуваат непријатно и најчесто се непожелни.

„Што се случи со Петар? Баш ми се допаѓаше.“

Секогаш има причина за завршувањето на една врска. Најмалку што би сакала една сингл девојка е да ја прашуваат за бившиот, особено ако тој го иницирал раскинувањето.

„Блазе си ти. Многу е позабавно кога си слободна.“

Кога некој што е во врска ќе ви даде ваков коментар, веројатно веднаш сакате да му вратите: „Па, кога е толку забавно, зошто си во врска? За една минута можеш повторно да бидеш сингл ако сакаш“.

Таквиот нивни коментар е лош избор на утешителни зборови или скриена желба за авантура, но, во секој случај, ако сте сингл, сигурно нема да звучи како песна во вашите уши.

„Ќе го пронајдеш вистинскиот кога најмалку очекуваш.“

Можеби ќе биде навистина така, но оваа реченица звучи толку излитено што ниту малку не делува како утеха.

„Мило ми е што во денешно време не треба да си барам некој. Мажите се ни вода, ни киселина.“

Вие ѝ се жалите на вашата пријателка што мажите се однесуваат ладно и индиферентно, а таа со задоволна насмевка ви вели: „Добро е што си го имам Х, денес навистина сите мажи се никакви“. Во ваков случај, тешко е да не си помислите: „Супер, токму тоа ѝ е потребно на една сингл девојка – обесхрабрување“.

„Мора да те запознаам со …“

Кога сте сингл, сите имаат по некој идеален кандидат за вас. Колешката на вашата мајка има најдобар син; пријателката на вашата баба има најубав внук; вашата нова познаничка има најпаметен братучед; вашата колешка на работа има најзабавен другар. Освен тоа, според вашата најдобра пријателка, другарот на нејзиното момче 100% е ви сродна душа.

Иако ваквите инсистирања за да се запознаете со некого може да ве иритираат, понекогаш вреди да им дадете шанса. Никогаш не се знае.