Лице в Лице
Отвори душа...

КАЛИОПИ: „Жал ми е што животот е покус од моите соништа!“

КАЛИОПИ: „Жал ми е што животот е покус од моите соништа!“

Кој сака да слуша квалитетна музика, поетски стихови и врвен вокал – еве ви ја Калиопи. Македонската sвезда отсекогаш била гаранција за емотивна интерпретацијија, нешто што нејзината многубројна публика умее да го цени и сака.

Долга црна коса, крупни темни очи и глас специфичен, богат, топол – тоа е она што го помислуваме кога ќе го слушнеме името на  Калиопи. Многу рано, како дете, таа ја започна својата кариера во поп-рок музиката, а подоцна хитовите, како  „Роѓени (Бато)“, „Обои ме“, „Дали ме скаш“, „Месечина“ и многу други, се слушаат и изведуваат денес. Учесник на многу фестивали, и манифестации  македонска пејачка е добитник на грст награди и се смета за една од најдобрите женски вокали во поранешна Југославија. Иако два пати разведена, таа е пријател и со обата поранешни сопрузи, има возрасен син Пако и го сака животот.

Родени сте во прекрасен Охрид. Како изгледаше времето на детството и Вашето растење? 

Родена сум таму, но пораснав во малиот град Кичево, каде имав прекрасно детство. Кога имав 11 години, се преселивме со моите родители, сестра и брат во Скопје, каде го продолживме животот и нашето образование. Добрите спомени и големата љубов ме врзуваат за моето семејство.

Вие го школувавте вашиот глас, студиравте на музичката академија, вашите песни се големи хитови, добивате толку многу комплименти, аплаузи и награди…?!

Јас не ја завршив академијата до крај, заради мојата кариера со групата. Се повлеков затоа што не можев да го издржам притисокот на некои професори на академијата, кои едноставно немаа разбирање за моите чекори и мојата слобода во поп-рок музиката. Знаев дека морам да донесам одлука: академија или кариера. Се сеќавам на таа ноќ кога решив да ја донесам мојата одлука… Најмногу одлуки донесов наутро. Отидов во канцеларијата на деканот, го побарав мојот индекс и си заминав. Единствено жале ми беше за професорот по пеење, Благоје Николовски, кој ги имаше сите надежи за мојата оперска иднина и веруваше во мене. И така, заедно со Ромео Грил, продолживме да работиме понатаму и да ги испишуваме страниците од нашата музичка историја. И јас никогаш, ама никогаш не се покајав за мојата одлука. Напротив, сфатив колку исправно  е донесена и до ден денес сум среќен заради тоа.

Дали сте задоволни од вашето достигнување?

– Дали сум задоволна? Презадоволна!

На што најмногу се гордеете во кариерата?

На публиката. И повторно и повторно кога ќе се сретнеме на моите концерти, тие го потврдуваат тоа чувство.

Што ве фасцинираше кај Ромео Грил, кој исто така стана и ваш прв сопруг?

– Неговата интелигенција и талент.

Вие го имате синот Пако со него. Како би го опишале вашето дете?

– Тој е мое дете и  свој човек.

Живеевте во Швајцарија десет години, работејќи во музичко училиште. Како изгледаше тој период од вашиот живот?

– Тоа беше едно од највозбудливите и најубавите животни искуства. Јас сум вечно благодарна за тој период од животот.

Вашиот втор сопруг, актерот Васил Зафирчев, беше помлад од вас. Дали имате своја теорија за постара жена и помлад маж? Кој добива повеќе, а кој губи или сето тоа воопшто не е важно?

– Ова веќе не е актуелно. Верувај ми, јас дури и не се сеќавам на приказната за несреќниот крај. Време е да ме прашате за нешто што ме чека или на што се надевам. Ова денес е важно. А денес ниту јас ниту Васил не сме губитници, затоа што и понатаму се имаме себе во животот и сè уште сме најдобри пријатели.

Дали сте романтични?

– Јас сум непоправлив романтичар.

Како може жената да биде паметна и паметно да старее? Што е најубаво во ваши години?

– Според мое мислење, жена која го прифатила фактот дека секоја година носи нешто што е нејзино во времето и која секоја своја борба ја сфатила како неизбежен процес од тоа време, без страв дека тоа време ќе го убие нејзиниот дух и младоста што живее во неа, за мене е победник. Паметно е да го пуштите вашиот дух да ја победи староста.

Колку работите денес, колку енергија имате, колку полагате на изгледот, својата појава, здравјето?

– Додека работам црпам најмногу енергија. Сакам да изгледам убаво и здраво. Барем наутро кога ќе се разбудам, да ја видам мојата светлина во огледалото.

Вие сте многу харизматична. Од каде потекнува тоа?

– Веројатно заради раѓањето под среќната sвезда на харизмата! Ха-ха …

Има ли нешто за што жалиш?

– Само жалам што животот е пократок од моите соништа.

Калиопи е толку ретко име. Која добра самовила се сети да Ви го даде?

– Баба ми Даница е таа добра самовила, мајката на мајка ми … Таа не го прифатила предлогот да ми го дадат нејзиното име, затоа што сметала дека е старомодно. И тогаш таа ми предложила да ми го дадат името на бабата на тато, мојата прабаба Калиопи. Ја обожавав баба ми Даница, таа беше неверојатна жена. И иако многу го сакам нејзиното име, јас сум благодарна на неа што се изборила да го носам ова име денес.

Извор: Курир.рс / Љиља Јорговановиќ

Фото: Марина Лопичиќ/ Инстаграм принтскрин

Останати вести од Лице в Лице