Лице в Лице

„The chicks“: Музиката и нотите ги избравме како азбука и јазик преку кој се изразуваме

„The chicks“: Музиката и нотите ги избравме како азбука и јазик преку кој се изразуваме

Трите девојки од Велес, „The Chicks“  пред две години запливаа во музичките води и ја освоија публиката со својот талент и  музика, а денес нивната агенда е полна со настапи, а пак од публиката добиваат премногу поддршка.

Наталија Мејанџиева, Сандра Јорданова и Моника Ѓорѓиева своите музички способности ги сплотуваат заедно во еден музички бенд –  „Тhe Chicks“.

Тие за Вистина.мк велат дека идејата за формирање на бенд била на Сандра која сакала да направи нов бенд и тоа женски. А овој предлог прифатен и од страна на Наталија и Моника, па така трите девојки го формираат „The chicks“.

– Идејата беше на Сандра, а беше лесно и со возбуда прифатена од нас. Ние претходно имавме искуства со други бендови кои беа од мешан тип. Но, осетивме дека на македонската музичка сцена недостасува тој облик на енергија. Затоа сакавме да експериментираме малку и да создадеме нешто што ќе ја пополни празнината и ќе создаде едно ново искуство и доживување и за нас и за публиката

„The chicks“ велат дека воопшто немале трема кога се започнале да работат како бенд, а фидебекот од публиката е одличен.

– Од самиот почеток испаднавме со голем ентузијазам и елан. Целта ни е баш ширење на позитивна енергија, љубов и сплотување меѓу луѓето. Музиката и нотите ги избравме како азбука и јазик преку кој се изразуваме, јазик кој секој може да го разбере. Буквално од првиот настап тоа го осети публиката, со која ние отворено комуницираме. Нема нешто на овој свет што ќе ви го замени чуството на радост што публиката го враќа назад како фидбек, пее , се забавува до последната песна. Тоа е почит, која во знак на благодарност природно протекува во процесот на размена на добра енергија на нашите настапи. Поддршката е огромна од слушателите, фамилиите,пријателите, сограѓаните и генерално од нашата публика. Особена поддршка добиваме од нашите сограѓани , буквално од сите возрасти, националности, професии и религии. Споделувањето на нашите видеа, одзивот на настапите, интересот за нашите интервјуа, фотографиии и буквално се што излегува од нас на социјалните мрежи, ни е сигурен знак дека се движиме во добра насока, која влијае позитивно како и за музичката сцена во Македонија , така и за подобрување на клубскиот социјален живот.

Тие сметаат дека во денешно време кога конкуренцијата е силна и секој сака да биде пејач, под ова сонце има место за сите, само треба да работите на себе.

– За секој има место под сонцето. Тоа е навистина стара, но евергрин мисла 🙂  За сите има се, но патот сами си го креираме и трасираме. Од лично искуство би кажале дека од самиот наш почеток, веќе две години сме заедно, а настапи имаме колку што има неработни денови . Поентата е да работиш на себе, да се подобруваш и да сакаш да го пренесеш она што го знаеш и имаш како талент. Фокусот да ти е на тоа што ќе дадеш, а не на тоа што ќе добиеш. Тоа е формулата за успех.

„Тhe chicks“ со песната на „Боите на љубовта“ се појавија на „Макфест“, каде што беа прогласени за најдобри дебитанти.

– Кога ни понудија да настапиме на Макфест ни дадоа можност да избираме дали ќе настапиме со наша песна или ни понудија соработка со веќе етаблирани композитори. Нас идејата да создадеме наша песна и да дојде до израз нашата креативност ни беше попримамлива и го видовме тоа како интересен предизивик. Претходно имавме веќе осмислено мелодиска линија сосема случајно во еден момент на инспирација седејќи во една викендица со друштво. Моника ја зема гитарата и почна да свири , Сандра почна да пее, Наталија ја доработи и така се создаде музиката на песната. Дино Зуќиќ, млад, просперитетен и креативен композитор го изработи аранжманот на песната. А, Стефан Марковски веќе познатиот поет го напиша текстот на песната. Сценскиот настап и изглед исто го осмисливме ние трите. Видеото во позадината на видео бимот го изработи Влатко Рикалоски. Макфест беше навистина едно ново и преубаво искуство за нас на кое добивме награда за најдобри дебитанти за 2017та година.

Тие главно настапуваат со кавери на познати светски песни.

– Да, ние свириме засега кавери од македонски и странски изведувачи, вклучувајќи и латино. Инспиративни ликови имаме многу. Почнувајќи од Joss Stone која обожава боса да си гази на сцена и да си пие чајче. Тоа е таа слобода на израз и уникатност што ја гледаме во неа. Ликови како David Bowie кои не инспирираaт на креативност и творештво,ликови како Тоше Проески кои се инспирација за човечност, добрина, хуманост и  многу други.

Во моментот ја изработуваат нивната втора авторска песна со која ќе го одредат правецот во кој ќе се движи нивната музика.

– Во моментов ја изработуваме нашата втора авторска песна и воедно го бараме правецот кој би не дефинирал трите. Но , да ви откриеме дека се движиме накај разигран ритам, песна со модулации, захтевни ноти и бистри ниски тонови , чија вибрација поттикнува чувство на исполнетост по секое слушање. Се надеваме дека ќе ви се допаднат вистинските The Chicks.

За Вистина.мк велат дека ја почитуваат и ценат македонската музика, па често пејат и кавери од наши квалитетни изведувачи

– На македонската сцена има изведувачи кои се навистина квалитетни. Ние сакаме да ја поттикнеме публиката да слушат македонска музика и често пати изведуваме повеќе македонски песни отколку странски. Свириме и пееме песни од многу наши идоли на македонската сцена меѓу кои Калиопи , Каролина Гочева,Тамара Тодевска итн.Каролина Гочева би ја издвоиле како одличен вокал. Зад себе има оставено повеќе песни, а во исто време е уникатна по своите проекти со албумите “Македонско девојче”.

Покрај пеењето, Моника, Сандра и Наталија имаат и примерни професии, а секогаш имаат и време за  музиката и за спорт.

– Да, сите покрај музиката се занимаваме и со нашите примарни професии. Моника е докторка, Сандра работи адвокатура, а Наталија е економист. Покрај тоа наоѓаме време секоја индивидуално за спортување, одиме на часеви по пеење кај Професор Горан Диновски, не ги изоставуваме и нашите пријатели и фамилии. Така да слободно време немаме многу. Но, ентузијазмот и желбата да се надоградуваме во се она што го правиме ни дава мотивација да постојано работиме на себе и растеме.

„The chicks“ моментално работат на видео записот за песната „Доживотно“ на Елена Ристеска, а потоа ќе објават и нивна авторска песна на која работат со одличен тим.

Така е , видео записот за песната „Доживотно“ е речиси при крајот и премиерно ќе се прикаже во текот на неделава. Преработка токму на таа песна беше идеја на еден наш пријател Дино Зукиќ, во чие студио(Dino’s Home Studio) ја снимивме и песната за Макфест. Многу сме среќни бидејќи заедно со него направивме едно интересно каверче во три гласа кое ќе имате прилика да го чуете. Ја изработивме “Доживотно”, бидејќи песната е полна со емоции и поаѓајќи од нашите искуства многу се поврзавме со неа :).

Наскоро по неа, ќе испадне наша авторска песна на која работиме со одличен тим, а исто така планираме и видео запис. Па следи албум, фестивали, настапи, соработки, еден интересен џез проект… и толку откриваме  за сега.

Би сакале да споменеме, Голема благодарност до целиот тим што работи и соработува со нас. Од нашите пријатели кои не возат и ни се огромна поддршка на нашите настапи, нашиот драг пријател и фотограф Нино Николов, кој ни ги прави до сега сите фраерски фотосесии, Благодарност до професионалноста на  Данчо Стефков – Tulip Pro и DMX master – професионално осветлување со кои соработуваме за нашите спотови.