Лице в Лице

Татјана Лазаревска: „Ја сакам сегашноста и живеам за подобра иднина“

Татјана Лазаревска: „Ја сакам сегашноста и живеам за подобра иднина“
фото: инстаграм

Фолкерката Татјана Лазаревска заедно со своето семејство, односно сопругот Новица и синовите Стефан и Петар веќе неколку години живее во Австралија, а во интервју за www.svet-australia.com проговори за својот живот во Мелбурн, како го поминува времето, за музичката кариера, за семјниот однос со сопругот.

Како се снаоѓате во времето кое не збуни и исто така не покори?

Времето во Ковид е предизвик за сите луѓе, барем јас така мислам. Старата изрека вели: „Во мака се познаваат јунаците“. Фала му на Господ, јас и моето семејство сме добри. Работиме, па деновите во карантин ни поминуваат побрзо.

 Колку пандемијата влијаеше на Вас и Вашето семејство? Кога мислиш дека се ова ќе заврши па ќе можете повторно да ве видат на сцена во полн сјај?

Мислам дека до крајот на годината некои работи ќе се вратат во нормала, и дека јас и мојата верна публика повторно ќе уживаме во музиката која е лек за се’.

 

фото: фејсбук

Со што се занимавате во ова т.н „принудено време“?

Само да се потсетиме дека со оваа работа, мислам на музиката се занимавам веќе 25 години, но по образование сум професор за предучилишно образование, па така и овде во Австралија продолжив со образованието во таа област. И еве сега работам како учиталка во градинка и ми е интересно да работам со деца. Секој ден со ново искуство и така заборавам на се’ што се случува во светот“.

 Вашиот сопруг, неодамна со статус на Фејсбук кога објави дека ќе го деактивира профилот ги принуди пријателите на размислување. Што се случува?

„Кога започна короната, Новица преку социјалните мрежи дознава што се случува во светот, па како и секој човек имаше свој став за тоа. Но, еден ден кога се разбуди сфати дека нема ништо од тоа – да се занимава со тоа на Фејсбук, а и се измори од сите дезинформации и одлучи да се одмори и да се посвети на поубавите работи. Сега моментално подготвува место за бавча каде што ќе произведува органска храна за нас“.

Кога пред пет години одлучивте да заминете од Македонија во Австралија во моментот кога бевтена врвот на естрадата, кој Ви беше главен мотив за тој потег?

Точно, се пресилив во Австралија пред 5 години, а главна причина беше: на децата да им даде можност за поразлична иднина. Нема да кажам поубава, ќе кажам поразлична. А искрена да бидам Новица и јас често зборувавме како сакаме да живееме надвор од границите на нашата држава, за да ја збогатиме нашата биографија.

фото: фејсбук

Зошто го одбравте Мелбурн, а не Сиднеј, Перт?

„Вистинска причина за тоа беше што во Мелбурн имаме повеќе пријатели кои ни помогнаа околу адаптацијата, а климата овде е слична на нашата во Македонија. Поточно, на нас не ни е важно каде сме туку со кој сме.

Вашите деца, Стефан и Петар добро се прилагодија на животот во Австралија. Како одеше кај нив почетната трансформација?

Од самиот почеток децата добро ја прифатија оваа средина, а и на училиште беа добро прифатени. Сега кога ги прашувам дали би живееле ми велат да, но и овде им е убаво. Кога децата се среќни и ние сме уште повеќе среќни.

фото: фејсбук

 Мора да признаете дека на почетокот се не било мед и млеко и дека ве фаќала носталгија. Какви се сега вашите контакти со Македонија? Колку често патувате таму?

Точно, нема дрво без корен, па така и јас имам чувство кон својот корен, посебно бидејќи целата наша фамилија е во Македонија. За среќа, современата технологијата ја ублажува носталгијата, авионите летаат, па се постигнува кога се сака. Треба само да се има желба.

Вашата мајка Снежана која живее во Скопје, често се одмара во Мелбурн. Колку Ви значи нејзиното присуство?

Мојата мајка е жена со големо срце и љубов за сите. Нејзините посети ни го разубавуваат секојдневниот живот. Најсреќни сме кога сме заедно.

Пред неколку месеци купивте куќа. Какво е чувството кога се живее на сопствен имот?

Куќата е прекрасна, веднаш почувствуваме позитивна енергија кога ја баравме и затоа ја купивме. Секако дека чувството е прекрасно, живеењето во своја куќа уште повеќе го зголемува чувството на припадност на ова друштво.

фото: женскимагазин

Колку на Вас ви влијаеше фактот тоа што сте дете од мешан брак, од татко Македонец и мајка Србинка?

Фактот дека сум дете од мешовит брак  за мене е убава работа. Мојата фамилија е голема од двете страни и сите се сакаме и се почитуваме. Јас луѓето ги делим на добри и лоши.

 Публиката ве памети по „Аце, Аце“ која спаѓа во групата на т.н „evergreen“. Дали имате план да издадете нешто ново?

Точно, мојата музичка лична карта е песната „Аце, Аце“. Од кога сум во Австралија снимив неколку песни, но ниту една не го повтори успехот на оваа песна. Планирам да снимам уште песни, а дали некоја ќе стане хит оставам на публиката да пресуди.

фото: фејсбук

Во кругот на пријателите, познати сте како и „Македонска барбика“. Дали е тоа поради вашата руса коса и познатата изрека дека жените се најубави и најпосакувани во 40тите?

Се смее….Не е баш дека сум МК барбика, но благодарам на комплиментот. А одговор на прашањето дали жените се најубави и најпосакувани во 40тите, мислам дека може да го дадат личностите од спротивниот пол….Јас преубаво се чувствувам во секој период од животот.

фото: инстаграм

Имате ли идол во музиката и која ти е омилен пејач или пејачка?

Пејачка чија работа и успех најмногу ги почитувам е секако најголемата балканска ѕвезда Лепа Брена. Таа е институција.

Како ја коментирате состојбата на македонската музичка сцена, како во својата татковина и овде во оваа „татковина“?

Времето во кое ја започнав и градев кариерата беше одлично за нас пејачите. Имавме одлични соработници  и медумска поддршка, а тоа е најважно за создавање на хит. Сега времињата се променија на полошо и многу ми е жал за младите луѓе кои сега почнуваат кариера, бидејќи времињата во Македонија и овде се многу тешки за музиката. Некако имам чувство дека одиме надолу.

Има ли таленти кои се иднина на македонската музика?

Секако дека има, Македонија е извор на талентирани млади луѓе и тоа се докажа низ различни натпреварувања.

Со кого соработувате во Австралија, кој  ве следи на настапите?

Јас и мојот сопруг имаме колигијален однос со сите музичари во Македонија и овде во Австралија. Соработуваме со сите, без исклучок.

фото: фејсбук

Тешко е да ве прашаме за музичките планови кога сме заробени со Ковид 19, но како ја одржувате „музичката кондиција“ која е важна за пејачите?

Точно е дека ова е тешко време за естрадата, но и за публиката, но ќе бидеме стрпливи и ќе почекаме да дојдат подобри времиња. Јас како и многу пејачи ја одржувам кондицијата преку „Facebook live“, каде што пејам и ги исполнувам желбите на мојата публика.

Како се снаоѓате во ова време на рестрикција, па дури и полицискиот час кој е воведен во Мелбурн? На што го трошите слободното време?

Па како и повеќето луѓето ги почитувам правилата на рестрикција. Не се движиме меѓу луѓе. Излегуваме само кога треба да одиме во шопинг, а и да пофалим, секој ден пешачам по 5 километри дневно, поради рекреација и одржување на кондиција“.

фото: фејсбук

Познати сте како семејна личност за која бракот е света работа, како функционира коалицијата Василевски – Лазаравска?

„Коалицијата Лазаревска – Василевски одлично функционира веќе 17 години. Кога има разбирање, поддршка и љубов, тогаш тоа е осудено на љубов.

извор: svet-australia.com

Останати вести од Лице в Лице