Лице в Лице
Голема причина за отсуство

Александра Илиевска за Вистина.мк ги откри деталите зошто во новата сезона не е дел од „Брза кујна“: „На пат е најубавото нешто што го посакуваме со сопругот“

Александра Илиевска за Вистина.мк ги откри деталите зошто во новата сезона не е дел од „Брза кујна“: „На пат е најубавото нешто што го посакуваме со сопругот“

Таа е позитивна, непосредна, секогаш насмеана, отворена за предизвици и вљубеник во работата на телевизија. ТВ водителката Александра Илиевска изминатите 5 години ја гледавме како водителка на популарното кулинарско шоу „Брза кујна“ – ангажман кој целосно ја освои кога телевизијата е во прашање. Иако радиото беше прво каде работеше како водителка, денес таа вели дека нема радиски ангажман и дека е комплетно освоена од магијата на телевизијата и камерите. Неодамна прочитавте дека нпвата сезона на „Брза кујна“ ќе се емитува со нова водителка, а причините за тоа како и многу други детали поврзани со приватноста на Александра Илиевска ги читате во продолжение од ексклузивното интервју за Вистина.мк.

1. Веќе неколку месеци не се појавуваш пред камери, како ти минуваше изминатиот период и летото?

Паузата која секогаш ја имаме од сезона до сезона на ,,Брза Кујна“ ми е исполнета со работен ангажман. Речиси година и половина сум одговорно лице и задолжена за маркетинг и ПР во салон за убавина во центарот на Скопје, ,,Шарм“. Интересна нова област за работа во делот на убавина која ми донесе нови предизвици и работни обврски на кои во целост се имам посветено со цел да дадеме нов пристап и услуга која ја заслужува секој маж или жена, секој кој сака да одвои време за себе и да си даде нега за пристапна цена.
Секако на страна од работните обврски тука е сопругот, семејството и пријателите кои секогаш заслужуваат внимание и љубов кое треба да го посветиме обострано.
И на крај време за добра книга и филм.

2. Корона пандемијата стана сечие секојдневие. Како се носиш со промените, мерките за заштита, психолошката стабилност?

Пандемијата мислам дека сите ни потсети на една од најбитните работи во животот, нашето здравјето и здравјето на нашите најблиски. Дополнително ни укажа колку ние луѓето се имаме одвоено од природата. Колку малите работи на кои не посветуваме доволно време и внимание, како што се прегратка, дружење, бакнежи од оние кои ни пораснале, оние кои ги сакаме, пријатели блиски и далечни… се’ ова ни стана богатство и за жал далечно во време на пандемијата. Мислам дека пред нас е еден сосема нов начин на живеење кој треба да го прифатиме како ново време, да се прилагодиме и во целост да ги примениме мерките со цел да имаме помали последици. Дистанца, маска и постојана лична хигиена, да, тешко е за нашиот менталитет и начин на живеење но, за жал, треба и мора за себе и за оние кои ги сакаме околку себе.
Психолошка стабилност, ова е нешто на кое секој од нас постојано треба да работи. Малку имаме знаење за ментално здравје и премалку посветуваме внимание на истото, а сега ни е потребно повеќе од било кога за ова да го надминеме со помали последици.

3. Дали некој во твоето опкружување се соочи со корона вирус?

Да, за жал но се помина во најдобар ред, лесно и без последици.

4. Започна снимањето на „Брза куна“, но со нова водителка. Зошто не си повеќе дел од тимот?

Да, започна 6-та сезона. Посакувам ова шоу да живее долги години бидејќи е извондреден проект на кој работи одличен тим, пред и зад камерите. Јас сум дел од тимот, но во оваа сезона како гледач и најголем поддржувач бидејќи на пат е најубавото нешто што го посакуваме со сопругот, принова во семејството.

Здравје, 7-ма сезона со нови знаења и умеења од кулинарство во друштво со нов член на семејството, ќе биде предизвик да се сподели пред македоснката јавност… хахахах

5. Што мислиш за изборот на замената, односно водителката Сања?

Неблагодарно е јас да давам мислење… времето и гледачите ќе го дадат својот суд. Од мене имаат голема поддршка, бидејќи колегијално и убаво е да си даваме поддршка со колегите од сите медиуми и да бидеме подобри во својата работа.

6. Што ти донесе искуството во шоуто од изминатите пет сезони, колку научи за кулинарството?

Шоуто ,,Брза кујна“ и Сител ТВ за мене беа ново и навистина преубаво искуство. Научив многу и за телевизијата како медиум и за работата. Колегите безрезервно и неуморно беа тука за си. Како јаготка на шлаг ми беше знаењето кое го добив во областа на кулинарството. Една нова димензија на страна од традицијата која ја наследуваме од нашите мајки и баби. Лично сметам дека шефовите имаат уште многу што да и подарат на македонска јавност, а навистина сметам дека четворицата Марк, Никола, Филип и Боби успејаа оваа професија да ја вратат во полн сјај. Тие докажаа и покажаа колку е битна оваа професија и колку занаетот може и треба да биде популарен меѓу младите.

7 . Со кого беше полесно да се работи пред камери, со Марк или Никола и зошто?

Двајцата се одлични и различни, навистина природни и супер се носат со популарноста што ја уживаат од јавноста. Јас секогаш сакам да ги наречам македоснките Бред Пит и Џорџ Клуни во кулинарство… обожавани од дамите, сакани кај децата и интересни за машката популација. Супер тим кој ќе ми недостига.

8. Кои се вашите моментални професионални ангажмани и каде се чувствуваш своја. на тв или радио?

Моменталниот ангажман ми е маркетинг и ПР во ,,Шарм“. Радиото одамна го ставив на пауза откако телевизијата ми го зазема приматот… Одлично е искуството и магијата која ја даваат медиумите. Ова е работа која треба да се работи совесно и свесно бидејќи токму од пред малиот екран или зад микрофонот даваме пример за оние кои не следат, а убавиот збор и добрата мисла недостигаат.
И на двата медиума се чуствувам одлично и природно. Имам ментори од кои многу научив, а допрва треба да се градам и подобрувам бидејќи секој ден постојано учиме.

9. Како се носиш со критиките од гледачите упатени на твоја сметка?

Интересно е колку сме расположени да критикуваме и да даваме ум за се. Жално е колку луѓето лесно осудуваат и критикуваат, уште пожално е колку омраза и гнев има. Кога ќе одлучите да работите на медиум треба да имате слух, да умеете да се поправите и подобрите секој ден во секој сегмент, да работите на себе и она што го работите да биде најдоброто од вас. Убавите зборови и комструктивни критики секогаш ги помнам и ме поттикнуваат да сум подобра, а на лошите се насмевнувам… и тие треба да ги слушнеме или прочитаме.

10. Со сопругот Александар бевте долги години во врска пред да стапите во брак. Кои се промените и кои се компромисите кои ги правите како партнери кои се долго заедно?

Со Александар сме 16 години заедно и уживаме во љубовта. Благодет е во животот да пронајдете партнер кој ќе ви е подршка во се. Тој е мојот најголем критичар и личност која секогаш е реалист, а јас сум сонувачот. Животот е компромис, во секој сегмент треба да се има разбирање и поддшка за нешто да успее, а љубота се негува за да опстои долги години.

11. Дали остануваат амбициите за ТВ водителство, зашто велат дека таа магија освојува засекогаш?

Да, сакам и уживам во оваа работа и по породилното отсуство верувам ќе се вратам во полн сјај. Магија е да се пронајде работа што ќе ја работите со љубов и секогаш ќе сакате да дадете се од себе за да сте најдобри. Оние кои го работат тоа што го сакаат се среќни луѓе… тука се вројувам и себе.

12. Твоето мото и пракса за поубаво утре?

Дозволете животот да ве сака, а вие сакајте се себе и сите околку вас…љубота е лек за се а насмевката е нејзин украс.

фото:приватна архива Александра Илиевска

Останати вести од Лице в Лице