Мегафон

Концерт на „Синтезис“ во чест на 61. „Охридско лето“

Концерт на „Синтезис“ во чест на 61. „Охридско лето“

рупата „Синтезис“ ќе одржи концерт вечерва (04.08.2021) во 21 часот во Античкиот театар во чест на 61. роденден на фестивалот „Охридско лето“. „Синтезис“ ги комбинира корените на македонското народно музичко наследство со современи аранжмани, користејќи оригинални македонски инструменти: кавал, гajда, тапан, тарабука и тамбура.

Бендот е основан во 1995 година со цел да спроведе длабоко истражување во непроценливото богатства на изворната музика во земјава. Името „Синтезис“ го изразува концептот на групата-музичка синтеза добиена со комбинација на традиционалните звуци со современи аранжмани. Копајќи во длабочините на македонското народно наследство, со сериозна грижа за основите на традиционалните композиции, групата добива големи пофалби за давањето нов живот на музичкото поле.

Со текот на годините, тие соработуваа со врвни музичари и бендови (Билја Крстиќ и Бистрик Оркестар – Србија, Хусну Сенлендиричи – Турција, Мауро Пагани – Италија, Тоше Проески, Влатко Стефановски, Наум Петрески, Хроматик Поинт, како и соработка со филхармониски и симфониски оркестри (Македонска филхармонија, Бургос – Филхармонија на Саламанка, Национална опера на Виетнам, Националниот филхармониски оркестар од Алмати и Астана – Казахстан,Нишки филхармониски оркестар). Како признание за големиот придонес што Синтезис го дава за афирмација на македонската музика и култура преку бројните концерти низ целиот свет (Јапонија, Израел, САД, Италија, Франција и многу други), во 2006 година, Стопанска комора на Македонија бендот го прогласи за почесен амбасадор на македонската култура.

Во 2008 г. во Сплит ја добиваат наградата за Придонес во развојот на културниот туризам, а истата година од страна на Toronto Exclusive Magazine добиваат награда за најдобра инструменталнa група, и уште многу други награди кои говорат за нивната специфичност и музички квалитет.

Синтезис продолжува со третманот на стари, заборавени, а понекогаш и скоро никогаш не чуени песни, кои се дел од богатото македонско музичко наследство, на тој начин зачувувајќи ги и провмовирајќи ги трајните вредности на македонската култура и традиција.