Промотер
Со почит за публиката

Јубилеен концерт за 20 години ДНК со промоција на новата „Ако утре ме нема“ (видео)

Јубилеен концерт за 20 години ДНК со промоција на новата „Ако утре ме нема“ (видео)

R&B дуото ДНК со гордост ви го најавува јубилејниот концерт насловен „20 години ДНК“, кој е закажан на 3 декември во арената „Борис Трајковски“. Концертот ќе значи заокружување на едно убаво и големо поглавје во кариерата на дуото, но и одбележување на постоењето на домашната музичка сцена на Панчо и Андреј.

Билетите за претстојната музичка дружба во продажба ќе бидат пуштени веќе од понеделник 13 јуни, точно напладне и тоа преку продажната мрежа на Мк.тикетс. Со оглед на тоа дека Панчо и Андреј слават 20-годишен јубилеј, во првите 20 дена, односно во периодот од 13 јуни до 2 јули, билети ќе се продаваат по следниве цени: ВИП 800 денари, ВИП коњопој 800 денари, фан пит 200 денари и седење (трибини) 350 денари. Веќе од 2 јули цените ќе бидат следни: ВИП 1000 денари, ВИП коњопој 1000 денари, фан пит 350 денари и седење (трибини) 450 денари.

– Ние сме луѓе од народот и да можеме да си го дозволиме тоа, ако целиот концерт ни е покриен од спонзори, верувајте не би ни наплаќале влезници, а така е затоа што се чувствуваме должни за сите 20 години поддршка што ја добиваме од целата наша публика. Сакаме некако да им возвратиме на сите и секој еден да може да си дозволи да биде присутен на концертот на 3 декември. Цените на билетите можеби се ниски, но ние сме убедени дека овој наш гест не е потценување на нашата работа, туку само гест на почит кон публиката која е со нас цели 20 години, едногласни се Панчо и Андреј.

Освен што беа соопштени деталите за концертот, на денешната прес-конференција се случи и медиумската промоција на темата „Ако утре ме нема“, чија официјална промоција се случи вечерва на Јутјуб каналот на ДНК.

„Ако утре ме нема“ е тема зад која стои веќе стандардната екипа – Панчо и Лазар Цветкоски, овој пат засилена од неверојатниот Џамбо Агушев, кој замеша прсти во аранжманот. Видеото, пак, е работено со Кристијан Теодоров, режија и камера, и Владимир Митревски -Ѓуле, монтажа и боја.