Лице в Лице

Искрено со Миа Костова: “Тијана ме извлече од токсична врска и ме научи дека за љубов не треба да се трудиш“ (ВИДЕО)

Искрено со Миа Костова: “Тијана ме извлече од токсична врска и ме научи дека за љубов не треба да се трудиш“ (ВИДЕО)

Некогашната водителка на „Бекјстеџ“, Миа Костова, денес е една од највлијателните на Инстаграм. Не е тајна дека постојано го привлекува вниманието на јавноста. Уште кога прва се соблече и се сликаше за „Плејбој“, па до денес, сеедно дали се муабети за сексуалната ориентација, саркастични видеа за дупките во државата или проблемите со депресијата кои ги сподели во јавноста.

„Кога се сликав за ‘Плејбој’, а тоа беше 2004 година, не помина баш така едноставно. Многу фама се крена околу тоа. Јас имав поддршка од мајка ми, ама во тоа време списанијата и весниците се продаваа на семафори, па можеш да замислиш. И не ми е криво, освен дека не ми го исплатија цел хонорар. Се тужевме на суд, ги добив, ама по три броја ‘Плејбој’ пропадна и немаа од каде да ми исплатат“, раскажува Миа.

Мајка е на 10-годинишниот Андрија. Вели, некогаш е строга, ама праведна. Ни откри дека е голема домаќинка и дека многу сака да готви.

„Кај мене дома се јаде сè и барем четири пати во неделата имам манџи“, објаснува Миа.

Исклучително искрена во разговорот вели: „Јас не можам да бидам поинаква, освен да си кажам што мислам.  Искреноста некогаш скапо ме чини, ама ете не ми доаѓа памет“, низ насмевка открива некогашната водителка.

Неодамна јавно прозборе за депресијата за која вели дека се уште не ја надминала целосно.

„Покрај паничните напади со кои долго се борам, следеше депресијата. Првите знаци се појавија кога бев подолго време на море. Веројатно кога имаш чувство дека сè ќе ти се среди, Андрија порасна па веќе не му требав толку, финансиски посигурна никогаш не сум била, сите ме доживуваат како Миа храбрата и одеднаш, како сите камења да паднаа од мене“, открива Миа.

За тоа како ја надминува депресијата и колку Тијана ѝ е поддршка во се тоа, зборува во интервјуто за „Репортер“. „Една од работите поради кои се кренав беше синот, заради него морав да најдам начин да излезам од тоа“.

На прашањето во каков однос е со Тијана Скулиќ, со која заедно живее, таа зборува со посебна насмевка на лицето.

„Таа ме извади од мртвите. Во време кога бев во една токсична љубовна врска, од која едвај успеав да избегам, таа беше тука. Ми се смачи веќе да е зборува за мојата сексуална ориентација, ко да е тоа којзнае што. Пред сè Тијана е мој најдобар пријател и таа ме научи дека за љубов не треба да се трудиш“, искрена е Миа. Тијана ѝ помага и кога треба да се фотографира за на Инстаграм. „Една од првите работи кога почнав со Инстаграмот  беа силиконските гради, кои ми се подарок“, открива Костова.

Во каков однос е со таткото на Андрија, за поранешниот брак, за детството и родителите, за Тијана и депресијата, Миа има што да каже. Плус муабетите за видеата кои ги сними после шише вино, од 99 Action, преку Бекстејџ и Плејбој… Гледајте го интервјуто.

Останати вести од Лице в Лице