Радио Милева
„Гранде“...

Горан Пандев се прости од активното играње фудбал, капитенот кој го наследи во А репрезентацијата, Стефан Ристовски му се обрати со емотивен статус: „Гоки пораснав со тебе, горд сум што бев дел од твоето време…“

Горан Пандев се прости од активното играње фудбал, капитенот кој го наследи во А репрезентацијата, Стефан Ристовски му се обрати со емотивен статус: „Гоки пораснав со тебе, горд сум што бев дел од твоето време…“

Горан Пандев ја заврши својата богата фудбалска кариера. Престана со активното играње фидбал кое го практикуваше дури до својата 39-та година. Или како што умеат спортските коментатори да кажат, „ги обеси копачките на клин“ и заминува во „фудбалска пензија“.

Беше и остана еден од најголемите, ако не и најголемиот во македонската фудбалска историја… Барем засега. И по сопствените клупски успеси, личните достигнувања и по оние со македонската фудбалска репрезентација и нејзините резултати и дострели.  Меѓудругото, лани како капитен ги  внесе Македонија и македонскиот фудбал во историјата, водејќи ја македонската А репрезентација на првото Европско првенство. И како стрелец на победничкиот гол во одлучувачкиот бараж натпревар и како лидер на генерацијата која ја испиша таа фудбалска историја.

Во текот на кариерата настапуваше за Интер, Специја, Анкона, Лацио, Наполи, Галатасарај, Џенова, а последен клуб му беше Парма. Тој беше дел од Интер во 2010 година кога „нероазурите“ предводени од „специјалниот“ Жозе Мурињо ги освоија титулите во Серија А, Купот на Италија и Лигата на шампионите, а потоа и Светското клупско првенство.

Пандев за репрезентацијата на Македонија одигра 122 натпревари и постигна 38 голови со што е и најдобар стрелец на вечната листа на голгетери. Затоа и е најголемиот, затоа и е Гранде Пандев.

Од него во А репрезентацијата капитенската лента ја наследи Стефан Ристовски. А новиот капитен од својот претходник и како што самиот вели, идол, учител и другар меѓудругото и јавно се прости со емотивен статус на својот Инстагрм профил со фотографија и пост во кој напиша:

 

„Гоки….пораснав со тебе, прво како идол а подоцна заедно и на терен. Горд сум што бев дел од твоето време. Емоциите се измешани, сеќен за тоа што сме поминале заедно и тажен што повеќе нема да бидеш дел од теренот. Фала ти што прв успеа светот да слушне за Македонија и македонскиот фудбал, фала ти што беше инспирација за сите нас. Ти си наша легенда и мој мотив засекогаш“ – споделил во пораката Ристовски.

Горан Пандев пак исто така не можеше да не сподели проштален статус на сопствениот Инстаграм проследен со кусо видео во кое со своевиден омаж е претставена целата негова интернационална кариера.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Goran Pandev (@goranpandev19)

„Погледнувам назад и се уште не ми изгледа реално. Тоа беше неверојатно патување. Толку многу емоции носам во себе и сакам да ги споделам со сите што ме поддржуваа во ова патување… Им благодарам на моето семејство, сопругата Надица, децата Филипо, Ана и Софија кои беа најголемата поддршка. Им благодарам на моите родители и на мојот брат што ми овозможија да го остварам мојот сон. Им благодарам на менаџерската агенција Бранкини, без вас не ќе можев да го направам сето ова. Им благодарам на сите тренери, претседатели, директори за нивната доверба и за се што научив од нив. Им благодарам на сите мои фанови од прв до последен, сакам сите да ве гушнам. Завршува едно прекрасно поглавје. Во мене носам едно големо богатство на емоции и среќен сум што го споделив со вас. Со цело мое срце“ – напиша големиот Гоче, како што другарите, пријателите и колегите го нарекуваат.

Но, фудбалскиот живот на големиот Пандев тука не завршува. И самиот пред извесно време порача дека себе си и понатаму се гледа во фудбалот. Но не како тренер или селектор, туку можеби како спортски директор или фудбалски агент кој повторно ќе придонесе, само овој пат на поинаков начин, некое младо дете да стане голема фудбалска ѕвезда, некој клуб да се вивне во фудбалските височини, македонската фудбалска репрезентација да постигне уште поголеми успеси.

Зашто една ера, онаа на зелениот терен  на фудбалскиот волшебник Горан Пандев е завршена, но тукушто започнува нова… Онаа покрај и околу фудбалскиот терен. Веруваме дека и тука Горан Пандев одново ќе биде „Гранде“.

Фото: Инстаграм принтскрин/goranpandev19/stefan_ristovski_13

Останати вести од Радио Милева