Мегафон

Филмскиот композитор Олафур Арналдс лауреат на седмото издание на „Скопје синема сити“

Филмскиот композитор Олафур Арналдс лауреат на седмото издание на „Скопје синема сити“

На 18 септември 2021, во дворот на Кинотека на С. Македонија, со почеток во 19 часот ќе започне седмото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Филмот што ќе го отвори Фестивалот е уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“.

Секое издание на „Скопје синема сити“ го отвора филм за одреден уметник, на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот. Оваа година тоа е Исланѓанецот Олафур Арналдс, кому Фестивалот му ја испрати наградата на Исланд. За потсетување, Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019), Влатко Стефановски (2019) и New Order (2020).  Арналдс е еден од најпопуларните млади современи композитори на класична и филмска музика и зад себе има импозантен опус. Филмот е уметничко дело којшто раскажува една човечка приказна што се базира врз животот на Арналдс. Снимен на локации во Исланд летото 2020, филмот истражува теми како ритуали, односи и нашите внатрешни пејсажи преку музиката на последниот албум на Олафур „Some Kind of Peace“, која е изведена и снимена на сетот. Како и албумот, така и филмот се фокусира врз тоа како сите се движиме напред во животот – тема која е особено важна во период на изолација и исклучување од светот.

Вториот филм што ќе биде прикажан е биографскиот филм за легендарниот џез-уметник Мајлс Дејвис Birth of the Cool, во режија на Стенли Нелсон. Оваа година се навршуваат 30 години од смртта на овој уметник чие име е синоним за џез-музиката.  Мајлс е човек кој со својата музика и добар вкус неколкупати го менувал текот по којшто се движела музиката и неговите успеси, живописен живот и карактер се тема на овој двочасовен филм.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата Милан Младеновиќ. Визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот ќе се организира во два блока, 18-19 септември и 20-21 септември. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот и билетите ќе можат да се набават само на касата.