Мегафон
роденден...

Девет години Вистина

Девет години Вистина

20 ноември,  2013 година… На овој датум пред 9 години се “роди“ нашиот портал, осамна првиот текст на Вистина.ком.мк… Тогаш  уште еден нов медиум, денес познат, признат, почитуван, етаблиран и што е најважно многу посетуван и читан портал.

Бевме и останавме Ваш медиум. Не дека ги нема доволно. Напротив. Или дека меѓу другите нема и доволно добри. Ни случајно, иако не нема многу.  Целта ни беше да бидеме поразлични. Уникатни, препознатливи, оригинални, единствени…  Бренд сам по себе. Препознатлив штом му се спомене името. Своевидна „лектира“ за сите останати што се занимаваат со нашата проблематика!

Ние од првиот објавен текст ги создаваме информациите наместо да чекаме сами да ни дојдат,  им одиме на настаните и збиднувањата во пресрет, наместо да чекаме некој друг да ни раскаже што таму се случило, а ние само тоа да го преџвакаме, постојано гребеме под површината за да ја ископаме вистината, наместо компромисно да Ви сервираме фингирани приказни, испеглани информации, премолчени факти, препишани написи… Срамен „копи-пејст“ од туѓи, украдени текстови, од нечие авторство како што тоа го прават повеќето во „морето останати“!

Затоа ние и сме поразлични,  интригантни и забавни,  провокативни и шокантни,  гламурозни и екстравагантни, хумористични и сатирични, но и едукативни и издржани, омилени и омрзнати, информативни и промотивни, сериозни и ригорозни, доблесни и бескомпромисни…  Се со цел да Ви ја доближиме реалноста. така започнавме и  останавме доследни на ветеното. И покрај сите  бури и премрежја низ кои годиниве минувавме и се’ уште минуваме во овие турболентни времиња и опасни години на живеење. Се’ уште сме тука со Вас и за Вас и планираме уште долго да бидеме, за да Ви ја понудиме вистината на дланка, зошто како што велат, секој има своја вистина, но само една е онаа – „вистинската“.  Или како што ние велиме: Само една има вистина – Вистина.ком.мк… Се’ друго е…  Знаете веќе што. Затоа, од срце Ви благодариме што од првиот напишан збор и првата објавена фотографија до ден  денес останавте со нас. Верна читателска публика, која постојано се зголемува, расте… Ние и понатаму ќе бидеме оние што ќе се потрудат да ви овозможат да дознаете повеќе од тоа што го знаете, или она што вообичаено досега сте можеле да го дознаете ка останатите.

Естрадно – забавна „лектира“  за читателите. Но и за препишувачите во овој виртуелен хаос, во ова онлајн „село без кучиња“, во кое мнозинството „неписмени џукели и лингури“  секојдневно безидејно талкаат од портал до портал, бесрамно крадејќи од малкуте вистински, за потоа нивното „копи-пејст“ препишување на туѓите идеи, истражувања, коментари, написи… неказнети за кражбата безобразно  да го преставуваат како свое дело.  Затоа, само една има Вистина… Единствена, оригинална, уникатна, препознатлива… Вистина.ком.мк!

Ова се нашите први 9 години… Наши и Ваши, за што од се’ срце Ви благодариме на времето, вниманието, лојалноста, довербата… која никогаш нема да ја изиграме, нема да ве изневериме!