Љубов и Секс

Дали преголемата блискост помеѓу партнерите може да влијае на здравјето?

Дали преголемата блискост помеѓу партнерите може да влијае на здравјето?

Во изминатите 50 години, истражувањата се фокусирани на проучување на тоа како поголемото брачно задоволство може да доведе до подолг и поздрав живот, но научните докази сè повеќе ја поддржуваат идејата дека блиската, среќна врска може да има и свои здравствени ризици.

Расположенијата и дневните рутини се поцврсто воспоставени кај блиските парови, што го зголемува нивото на ризик кај двајцата партнери во стресни услови. Неколку стратегии засновани на докази може да им помогнат на паровите да ја избегнат негативната страна на големата близина.

Според научните докази презентирани на PsychologyToday од д-р Стефани Вилсон, професорка на Универзитетот во Далас, може да се заклучи дека квалитетот на бракот (или брачната врска) е важен за физичкото здравје.

Генерално, луѓето кои доживуваат брачна идила се благословени со подобро здравје и живеат подолго од „лошо“ оженетите/омажените.

Сиромаштијата е друга тема. Финансискиот стрес ги уништува односите, а понискиот социо-економски статус често значи послаб пристап до медицинска нега, помалку опции за здрава храна, полоши работни услови, помалку безбедни населби и послаб сон.

Покрај социјалните и економските фактори, токсичниот брак поттикнува стрес. Борбата со партнерот го зголемува крвниот притисок и го менува имунолошкиот систем на начини кои, на долг рок, може да придонесат за кардиоваскуларни болести и забрзано стареење.
Меѓутоа, ако поминувате низ тежок период во бракот, не паничете – да не го зголемите дополнително вашиот крвен притисок. Слично како ефектите од вашата секојдневна исхрана и физичка активност, посериозните здравствени последици од брачниот конфликт веројатно нема да се појават веднаш.

Наместо тоа, хроничното повторување на една нездрава шема со недели, месеци и години е она што доведува до проблеми со текот на времето.

Но, тука се поставува и прашањето: дали ако сакате да го подобрите вашето здравје, враќањето на бракот во фаза на меден месец ќе ве доведе до тоа?

Одговорот веројатно ќе ве изненади:

Не мора да значи.

Истражувањата откриваат дека блиската, среќна врска има и свои потенцијални стапици.

И во добро и во лошо

Кога го делат заедничкиот живот, расположенијата на партнерите стануваат взаемни и рутините се совпаѓаат. Овие врски може да бидат уште посилни кај блиски, посреќни парови, а она што се споделува не е загарантирано да има корист за здравјето на двајцата партнери.

На пример, во една студија на луѓе со болен артритис на коленото, докажано е дека сопружниците спиеле полошо во деновите кога нивните „други половини“ чувствувале поголема болка, а спиењето било уште полошо за паровите кои ја оцениле нивната врска како многу блиска.

Општо земено, паровите кои поминуваат повеќе време заедно имаат тенденција да имаат повеќе слични нивоа на активност. Една неодамнешна студија покажа дека паровите кои се посреќни во нивните врски, исто така, често јадат заедно и спијат во ист кревет.

Всушност, други студии покажаа дека поблиските, посреќни парови имале посличен крвен притисок, нивоа на гликоза во крвта и уште повеќе сличен метаболизам во споредба со помалку блиските, т.е помалку среќните парови.

Како да го заштитите вашето здравје

Што може да се направи за да се избегне оваа замка?

Како што вели старата поговорка, свесноста е половина од битката. Со свесноста дека стресот и страдањето на некој близок може да влијае на нашето здравје (исто како што нашиот стрес влијае на нивното), можеме да бидеме поактивни во заштитата на благосостојбата на сите вклучени во односот.