Живот и Стил

Дали децата може да имаат мигрена?

Дали децата може да имаат мигрена?

И покрај тоа што е честа појава, мигрената сè уште често е погрешно разбрана, особено кога станува збор за децата.

– Децата може да имаат мигрена. Најмалото дете на кое му дијагностицирав беше на 18 месеци, но вообичаената возраст е помеѓу 6 и 15 години, вели педијатрискиот невролог Др. Ариф Кан.

– Свеста за мигрената стана толку изразена кај возрасните што понекогаш забораваме на децата. Но, таа често останува недијагностицирана.

Дали децата ги имаат истите симптоми на мигрена како возрасните?
Препознавањето на мигрена кај децата може да биде потешко отколку кај возрасните.

– Ако прашате возрасен како се чувствува кога има мигрена, тие ќе кажат дека тоа е чувство на пулсирање на едната страна од главата, а исто така може да биде поврзано со повраќање или гадење, екстремна чувствителност на силна светлина или гласни звуци, вели Кан.

– Детето можеби нема да опише мигрена според карактеристиките што се во учебникот. Може само да каже дека е многу уморно, дека го боли главата и често не можат да го вербализираат тоа што се случува.

Д-р Џулијана Вандер Плујм, вонреден професор по неврологија во клиниката Мајо, која опширно ги истражувала детските мигрени, вели дека постојат разлики и сличности, но дури и кај децата може да има некои очигледни знаци дека тоа не е само главоболка.

– Како и кај возрасните, мигрената кај децата и адолесцентите често е со умерен до тежок интензитет, има пулсирачки карактер и може да се влоши со физичка активност, вели таа.

– Децата може да имаат поголема веројатност да имаат главоболки на двете страни на главата во споредба со возрасните, чии мигрени често се еднострани. Децата и адолесцентите исто така може да имаат пократки мигренски напади кои траат само неколку часа, додека кај возрасните нападите генерално траат повеќе од четири часа.

Како се дијагностицира мигрената кај децата?
– За возрасните да бидат дијагностицирани со мигрена, тие мора да пријават чувствителност на светлина и звук и/или гадење или повраќање. Но, кај децата, бидејќи можеби не можат да ја опишат чувствителноста на светлина и звук, таа може да се препознае врз основа на нивното однесување, вели Вандер Плајм. На пример, дали избегнуваат простори и активности со силни светла и звуци? Дали одат да се одморат повеќе?

Иако мигрената не е секогаш тешка, таа може да биде исто толку исцрпувачка за децата како и за возрасните. Како што вели Вандер Плујм: „Мигрената може да предизвика значителна попреченост кај децата и адолесцентите. Може да влијае на социјалните и семејните односи и да доведе до отсуства од часови или други активности“.

Зошто некои деца добиваат мигрена?
Не постои единствен одговор. Но, Вандер Плујм вели: „Мигрената е невролошка болест за која веруваме дека има генетска основа, а нејзиното манифестирање зависи од факторите на околината“.

извор:курир.мк
фото: UNSPLASH