Промотер

Александра Јанева со песна ни открива – „Денот што ни носи“ (ВИДЕО)

Александра Јанева со песна ни открива – „Денот што ни носи“ (ВИДЕО)

По речиси двегодишна пауза македонската пејачка Александра Јанева одново има нова песна и видео за неа. Овој пат се работи за темата насловена „Денот што ни носи“ која струмичанката ја изведе на сцената на годинешниов фестивал на забавни мелодии „Макфест 2021“ во Штип.

Песната беше и една од наградените или поточно нејзиниот автор Лазар Цветковски кој заедно со пејачката ја компонирал музиката и ги напишаа стиховите, а тој самиот ја продуцирал и го направи аранжманот, за кој и беше награден на штипскиот фестивал.

„Денот што ни носи“ во суштина е емотивна балада која Јанева ја отпеала онака како што најдобро знае: моќно, сугестивно, на моменти суптилно, со силна емоција и вдахновена експресија во интерпретацијата која ја прави препознатлива во изведбата.

Видеото реализирано од Ѓорѓи Вацев во целост ја следи приказната во стиховите и музичката подлога, испреплетувајќи го звучното со визуелното во една компактна целина која допира до најсилните и најдлабоки човекови чувства… Не секогаш подготвени да се судрат и соочат со она… „Денот што ни носи“.